Неколкумина реномирани писатели, што ги знам и чие книжевно творештво го ценам, јавно искажале „подготвеност“ да сторат сè што можат за мое „враќање“ во македонската литература!
А кога и каде сум „отишол“?!
Во врска со „враќањето“, јас лично имам прифатено како неменлив факт: дека сум непризнаен, омаловажен, маргинализиран, дури избришан творец. (Неменлив зашто сум пред физичко исчезнување.)
Јас, стар бел дедо, со пензија доволна за старечко живуркање, кој создал и создава грандиозно мислечко и книжевно творештво, единствено на светот (досега 126 дела!), „отиден“-се мисли маргинализиран, избришан, отпишан, заборавен…Да?!
Вистина е дека одамна не сум меѓу (по)значајните мислители и писатели, ни спомнат во антологиски и други избори, хрестоматии, енциклопедии, ниту награден или признаен за некое дело или за моето творештво во целина. Но…
Не постои мислител и творец, не само кај нас, туку и во светот секојдневно „активен“-со секојдневни мислечки и книжевни дела на Интернет! Според некои согледби, и најчитан македонски творец (дневно во просек 1.000 кои виделе, прочитале, реагирале на моја објава).
Ја почитувам заложбата односно искажаната „подготвеност“ (некои лично ги познавам, некои лично ги знам и го читам/следам нивното творештво) и лично ја „толкувам“ како некакво „поправање“ на грешка или неправда. Не сакам ни да помислам дека е тоа поради „смирување“ на сопствена совест. На пример, дека мојата позиција и егзистенција во општеството е далеку „зад“ нивната (наградени, признаени, со објавени собрани и одбрани дела, членови на книжевни и научни институции, национални пензии…).
Веќе нагласив на почетокот: јас сум одамна „отиден“, и тоа е неменливо најпрвин зашто сум пред физичко исчезнување. Одамна ми е сеедно сè во врска со мојата мислечка и творечка личност. Затоа одбивам чиј било, и најдобронамерен ангажман на тој „план“.
Продолжувам да создавам мислечки и книжевни дела (до последен издив), единствено како лично задоволство и обид за смирување на мојата нескротлива творечка енергија.
ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 96