16. Животворна песна
Од неа непознат знак
како нечија трага
како почеток и крај;
потоа незнаен глас
што бранува тишина;
па слова собрани
во сончев зрак.
Сетне слогови
кои се врзуваат
обидувајќи се
да создадат збор
без значење,
а по него друг и други.
Најсетне говор
и песна животворна!
Не ќе е сè од мене
во игра небрежна,
жизнена,
невина, наивна,
слободна како трепет,
како возбуда
на тело и душа,
на раѓање на сон
меѓу стварен
и мој заумен свет.
Од неа оган и ветер
што си помагаат
еден на друг
за што побрзо,
ако може мигум
огнот да се разгори,
ветрот да се раздува.
Ќе стасаат ли совреме
небото и земјата
заедно со народ
исконски
да ја пеат на сет глас
песнава животворна?