ВРВИЦА ДО ВРВ, На врвица, поетска инсталација

Потребно време за читање: < 1 минута

13. Ѕвездена песна

Една песна меѓу ѕвезди
има свое место
зашто е со своја тишина
во своја празнина
и трага светлосна.

Ја слушам, ја препознавам
дека е од мене испеана.

Како успеала да се издвои
од мојот поетски свет,
да се вивне в ноќно небо
и да си најде свое место
меѓу ѕвезди?!

Ја слушам, ја препознавам
дека е од мене испеана,
но ко да нема ништо мое
во нејзиното срце,
во нејзината утроба,
во нејзината мисла,
во нејзиното внатрешно
пулсирање,
во нејзината крв,

во говорот
на нејзината трага
светлосна.

Не, не е од мене!
Песнава е од човек
кој се надева
дека во неа ѕвездена
ќе поживее незаборавно
некое време
на нечие ѕвездено небо.

Leave the first comment