18. Будна песна
Ми дојде при будење
до последна точка испеана
во мрежа на знајни, но
ненадминати премрежија;
значи, не е испеана
за нечие будење,
туку за да биде секогаш
будна сосе виделина.
Будна песна која знам
дека почнува во мене
и знам дека ќе заврши
кога од мене ќе почне
нов громоглас.
Будна песно, ти што сега
пак ми идеш при будење,
не се обидувај
да ме препееш на јазик
древен;
бидејќи јазикот,
на кој те испеале будни
со припомош на феникс,
е во коренот на кој било
жив јазик од памтивек
до мојов опстој недопеан.