Волци и луѓе

Потребно време за читање: 2 минути

За чудење, неколку луѓе меѓу луѓето станале волци, а за да не останат покусо волците веднаш неколку волци се престориле во луѓе. Притоа, треба да се потенцира дека за волците како досега и натаму важела народната „Волкот влакното го менува, ама ќудот не“, а за човекот „Човек кој сака да страховладее со народот треба него го третира како стадо овци“. Со други зборови речено, волкот е волк и кога ќе се преправи во овца, а страховладеачот е како волк кој или предводи овци до гладување или како волк им втерал толку голем страв во коски што трпи и се однесува како стадо овци.

Еден ден се нашле на крстопат луѓето кои станале волци и волците кои се престориле во луѓе. Се поздравиле меѓусебно срдечно, па еднале среде крстопатот за да се договорат кој пат да фатат заедно или едните и другите да си фатат свои. Па никогаш повеќе да не се сретнат, ниту, пак, да имаат нешто заедничко односно да споделуваат добро и лошо.

По долга и бурна расправа, која напати преминувала во расправија, поготово кога волците ги предупредувале луѓето дека ќудот не го смениле, а луѓето како волци се страховладеачи со народ како стадо овци, успеале конечно да се договорат да фатат еден, заеднички пат до следниот крстопат. На таквиот договор најмногу влијаел факторот овци. Имено, и волците како луѓе и луѓето како волци си признале меѓусебно дека можеби можат едни без други, но без овци гарант ќе тргнат кон беспаќе.

Стасале до друг крстопат? За жал или на радост на идните генерации волци и луѓе, по некое ниедно време одење по заеднички пат сфатиле дека фатиле погрешен, кој водел право во беспаќе. Исто така, сфатиле дека главен виновник за таа фатална грешка пак бил факторот овци.

Што се случило во меѓуврфеме? Во меѓувреме на овците им боктисале и волците како луѓе со волчји ќуд и луѓето како волци страховладеачи, па пронашле црна овца која ги повела по друг, тотално спротивен пат. Во чија крајна точка догледале ново сонце на слободата.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 36