21. Здрач неугаслив
Еден здрач неугаслив
и дење и ноќе се пробива
низ процеп на зборови
од моја песна,
со вткаени тишини
во нив.
Како да ме повикува
да тргнам кон него,
по него,
како да сака
да ја продолжам
до недоглед,
значи никогаш и никаде
да не заврши.
Но зошто е само еден
здрач неугаслив?!
Да не е последен
што не е само мој?