28. Обмислив
Конечно обмислив
што и како
ќе направам кога конечно
на луѓето веќе
нема да им е
ни до зборење, до пеење,
ни, пак, до играње
до пред разден.
Конечно обмислив,
а гледам дека всушност
баш навреме
зашто не им е до ништо
од тоа.
Ќе се искачам
на нивен највисок врв,
што никој од нив сè уште
не го искачил,
ќе запалам оган
за да ме гледаат
како да горам,
и како да им говори
небото
ќе им свикам:
Веќе не сум со вас
и веќе никогаш нема
да бидам!
Зашто знам дека
дури сте живи
нема да се искачите
до мене!