4. Бие срце
Јас стварно не знам
што му е на срцево
што бие во ова сал мое
ниедно доба,
а знам дека нема
да ми одговори
ако го прашам;
како што не ми одговара
никогаш
до кога може да издржи
здраво (здраво?!)
обѕидано со ѕидови
на црна, длабока, густа,
мрачна, ледена,
безмерна тишина.
Претпоставувам
дека бие оти сѐ почесто
го оставам без зборови
сосе воздиви и издиви
помеѓу нив;
само претпоставувам
дека одамна не е
со мене, ниту во мене.
Не, сигурен сум дека
не го вознемирив,
не го исплашив,
не го предизвикав
со ништо;
напротив, и сега
како секогаш
внимавам да не заболи,
да не прокрвави.
И сега, како секогаш,
му прекажувам само
спокојни соништа во кои
дамнешни љубови
ми враќаат спомени
на секакви игри
помеѓу небото и земјата.
Чинам дека срцево бие
сега
зашто како никогаш
досега
не било толку желно
за нов ден
неповторлив.