Во непозната тишина

Потребно време за читање: < 1 минута

-Од кога ли и како се најдовме во оваа непозната тишина?

-Немам поим. Во блиското и далечното минато надминавме многу познати, а чинам дека оваа е за нас прва непозната.

-Можно е. Јас мислам дека најпрвин треба да ја проучиме детално за да си одговориме дали е навистина таква. Можеби има во неа нам макар еден елемент или момент познат, па како сепак позната да ја надминеме како сите досегашни. Според мене, немало, ниту може да има непозната тишина. Поготово меѓу оние за луѓе.

-И што ако си докажеме, ако ни се докаже како непозната? Ќе излеземе од неа? Ќе ја заобиколиме и ќе си го продолжиме нашево патешествие низ познати?

-Тоа би била наша досега најголема грешка. Нема потреба да излеземе од неа ако си докажеме или не дека е непозната. Никако заобиколување и продолжување низ познати. Напротив, таква треба да ни биде предизвик затоа што нашите чекори може само да ни ги направи уште постамени.

Прочитај и за ... >>  Мудрување

-Дали сме подготвени за ваква, непозната тишина?

-Зарем се сомневаш?!

-Не станува збор за сомневање во нашата подготвеност, туку за прилагодување на нејзината постојаност. Секоја тишина е повеќе или помалку постојана, поготово во однос на егзистенцијалните времиња и годишните доба. Но, не треба ни да помислуваме на обид да ја надвладеаме, туку мораме да ѝ се прилагодуваме токму затоа што е за нас очигледно непозната.

-Ти веќе ја прифаќаш како таква? А не се прашуваш од каде е и зошто нè обзеде? Не помислуваш на излегување од неа, на наше ослободување и продолжување низ нови нам познати?

-Не, не мислам.   

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 29