Во нас гени, ама и меми!

Потребно време за читање: 3 минути

Што се меми?

Можеби првпат читате, а ги открил односно именувал и дефинирал Ричар Давкинс (Richard Dawkins) уште во 1976. година, во својата книга „Себичниот ген“. Значи, пак станува збор за „некој вид“ на гени, но…

Постојат повеќе дефиниции на „мемите“, но сите посочуваат на односот помеѓу мислите, идеите и информациите во мозокот.

Мем е единица на информација која се наоѓа во него, може да се шири од мозок во мозок, од книга на мозок и обратно, од компјутер на мозок и обратно, од компјутер на компјутер. Со други зборови, тоа се идеи и податоци во човечкиот ум. Можеби уште поконкретно: тоа се пред сѐ информации што се пренесуваат вербално или со повторна изведба, гледање и слушање, а се шират на начин кој е аналоген на биолошкото пренесување на гените.

Мемите опстојуваат и еволуираат според принципот на натуралната селекција. Некои идеи помалку успешно ќе бидат пренесени и по одредено време ќе исчезнат, додека некои ќе опстојат, ќе се шират и ќе мутираат.

Често се наведува примерот на големата популаризација на Youtube на Интернет, најголемиот веб сајт за гледање на видео записи, на кој сѐ повеќе доминираат видео мемите. Според бројноста, по нив следат меми во вид на слика.

Како и гените, мемите се избираат од целините што ги прават со други меми, а тие целини се нарекуваат мемплекси. Имено, нашата култура се состои од меми што плутаат, а тоа се идеи, информации, правила, обрасци на однесување и верувања- во плутачките мемплекси. Здружувањето во групи на мемплекси им овозможува на мемите поголема предност на опстанок и ширење, отколку што тоа им го овозможува осаменото плутање.

Мемите кои соработуваат во рамките на мемплексите се потпираат меѓусебно, но со останатите сопернички меми се во непријателски однос. На пример, микро културата на општеството или на некоја група подразбира одредени меми-идеи, информации, правила и верувања (мемплекс), во која мемите сами по себе сакаат да се шират натаму, на што поголема територија и сакаат да траат што подолго. Истово се случува и со некоја стокова марка, политички став, иновација во бизнисот или модата. Притоа е важно дека деловните трендови, модите и обичаите на однесување се шират како меми ако победат во конкурентска и селекциона игра со други меми. Клучни зборови се копирање и имитирање. Колку копирањето и имитирањето се поверни на оригиналот и е проширен на што повеќе единки, мемот е поуспешен.

Мемите доаѓаат од варијации и комбинации на стари меми, зашто додека размислуваме мешаме идеи, при што тие се орудие со помош на кое размислуваме. Тие можат да се наречат „вируси на умот“ кои се шират низ масите кога идеите ќе стекнат свој сопствен живот. Примери на идеи се дека мораме да го имаме токму овој автомобил, да имаме токму ваква облека, да слушаме одредена музика, да јадеме ваква храна, да купуваме одредени брендови…Тоа се идеи што одредуваат многу работи кои ги правиме слично со други, зашто се имитираме едни со други, имитираме мода и трендови, т.е. меми кои потоа стануваат наши. На тој начин повеќе мисли, знаења и верувања за кои мислиме дека не одредуваат и дека се наши сопствени, всушност се само меми присобрани со имитирање.

Се смета дека најуспешни се оние меми кои се врзуваат со темелните човечки потреби, како што се сексот, храната и моќта, и кои се вклопуваат во веќе инсталираните мемплекси како што се идеологиите. Најголема е веројатноста дека луѓето ќе го имитираат оној човек што има голем углед, моќ и влијание, зашто со имитирањето сакаат да станат како и тој.

Од друга страна, успешноста на маркетиншките пораки е одредена од тоа дали е погоден оној мем (бренд, производ, услуга) кој има голема селекциона предност во однос на други конкурентски меми и кој ќе се шири на што поголем број пренесувачи. Тоа значи дека ако постои континуирана реклама која ќе им го вреже во главите на луѓето својот мем, тие со него и ќе се заразат. Во таа смисла меметичкиот менаџмент е важен дел од пропагандата и маркетингот како стратегија за што поуспешно ширење на саканите меми. На пример, информациите кои можат да се прочитаат во секое домаќинство настанале со мемски избор, во книги, преку компјутер, телевизија и телефон.

Се разбира, најголем број на меми од најголем број на приматели се пренесува со светската Интернет мрежа. Можете да погледнете некој сајт, да испратите мем по e-mail, да го складирате во фајлови, да го прераскажете. Дигиталната технологија овозможува постоење на огромен број на меми во мал простор и нивен брз пренос помеѓу огромни оддалечености, со исклучителна точност на копирање, што е најважно.

Освен тоа, откако преносот на информации на меми ќе се забрза и нивниот број ќе се зголеми, се зголемува и натпреварот, а оние што немаат најнова технологија на пренос губат.

Дали некоја услуга, идеологија, став или производ ќе се наметне, зависи од мемскиот избор, при што најуспешни проширувачи се оние медиуми кои најефикасно пренесуваат меми, имаат голема точност на копирање и совладуваат најголема оддалеченост.

Од сето речено следи дека ние немаме сопствени идеи и креации кои работат за нас, туку дека наметливо не опседнуваат себичните меми на кои единствена цел им е нивно натамошно реплицирање. Супстратот на мемите не им е битен, не е важно дали пренесувачот е мозокот, компјутерот, телевизијата или книгата. Битно е тие, множејќи се, да заземат што поширок простор во идејната сфера.

(Користени повеќе текстови на Интернет)

 

Leave the first comment