Во медиумскиот свет

Потребно време за читање: 2 минути

Човекот и како единка, како индивидуа, и како општествено битие има насушна потреба од откривање на недоволно познати или непознати нешта кои го опкружуваат, постојано го следат во растежот, созревањето и самодокажувањето. Откривањето, пак, е предизвикано од љубопитството, дознавањето и сознавањето.Тоа е „сложениот“ дел од неговото секојдневие, а „едноставниот“ се средствата што ги користи, му стојат на располагање, ги произведува самиот и постојано ги надградува.

Човекот на нашево време од една страна се соочува со тн. „глад за информации“, а од друга со нивно секојдневно „бомбардирање“. Помеѓу едното и другото стојат „информаторите“ кои исто така се меѓу „два огна“: едниот-точна, вистинита, корисна и навремена информација, а другиот-манипулацијата со нив за секакви интереси (политички, партиски, на власта, на државата, општеството, на продавачи и потрошувачи на производи за секојдневна употреба, на одделни возрасни категории итн.). Главни „играчи“ помеѓу тие „два огна“ се средствата за масовна комуникација, односно масмедиумите-печатените и електронските: книги, весници, списанија, каталози, радио, телевизија, телефон, компјутер, Интернет, социјални мрежи, агенции за маркетинг. За што полесно и побрзо да ја остваруваат таа своја улога и моќ, тие се развиваат континуирано, се усовршуваат, притоа овозможувајќи што поголема, масовна достапност и што  поедноставно користење.

Кога станува збор за користењето на масмедиумите во минатото и денес, лесно е забележливо дека тие се развиваат во два правца: индивидуален или личен и колективен или заеднички. Истовремено и напоредно, но во последно време сè повеќе индивидуалниот. На пример, печатените како да отстапуваат пред „налетот“ на електронските медиуми; сè повеќе ги задоволуваат личните потреби и вкусови, а електронските (особено телевизијата и Интернет, во сè помала мера радиото) се насочуваат кон одделни колективитети, групи, друштва, со што, пак, ја потврдуваат својата основа специфика-средства за масовна комуникација. Во таа смисла и едните и другите треба да ги имаат предвид двете суштински потреби или предуслови за човековата егистенција: визуелната/сликовната и аудитивната/слушната. Сè уште главните масмедиуми би можеле да ги поделиме на три групи: визуелни-телевизија, таблет, лаптоп, аудитивни-радио, телефон, радио на Интернет, и аудио-визуелни (меѓугрупа)-телефон, Интернет (веб страници, он лајн комуникација, он лајн продавници).

Имајќи го предвид значењето и сеприсутноста на масмедиумите, нужно се поставува прашањето за одбрана од нивна манипулација, поточно злоупотреба (од страна на оние што ги користат и ги произведуваат). Но, од друга страна и на нивна слобода и независност. Манипулацијата е секојдневна и сè поагресивна, а слободата и независноста сè позагрозени, и тоа пред сè од страна на недемократски власти. Во тие рамки во последниве години се наметна една мошне загрижувачка појава која може да се нарече и феномен: тн. лажни вести. Нив најмногу ги „произведуваат“ партиски штабови задолжени за создавање посакувана клима на „за“ и „против“, на недоверба, одвлекување и пренасочување на вниманието на јавноста. Меѓу нив се доминантни рекламите на производи, програми, заложби, а во кои лажно се претставуваат карактеристиките, составот, квалитетот, цената итн.

Како да се (од)бранат слободата и независноста на медиумите и како против лажните вести?

Не постои друг начин, освен со постојано развивање и надградба на индивидуалната односно личната медиумска култура. Која, пак, подразбира најнапред градење и постојано докажување на критериумот за вредното и убавото. Без тој критериум е просто невозможно човек да ги разликува вредните од безвредните, важните од безначајните, квалитетните од неквалитетните нешта во животот.  

Што треба секој лично да преземе на тој план?

Едноставни, но и сложени и долгорочни активности и задачи:

Најпрвин секојдневно учење, кое подразбира откривање, дознавање, сознавање на сè што е дел од животот, со акцент на личната определба и личниото усовршување; преземање искуства во минатото и денес, од постари блиски и генерации на учени, мудри творци, изумители; и постојана проверка, докажување,  но и менување, надградба на личните ставови и аргументи.

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 94