Во движење

Потребно време за читање: < 1 минута

Сè во забрзано и забавено движење
меѓу еден мал и друг голем свет
во недоглед;
смислено, осмислено, немислено,
бесцелно, па за кон нова цел;
еден мал пред друг голем свет,
обата меѓу два огнени меча
со сни зрачни на нивните сечива;
едниот за со еден замав
да пресече наполу ширно небо,
другиот за со еден крик
да се зарие во камен на сува зермја
паднат од сè уште живо срце.

Едниот мал свет на човек
пред друг голем свет во недоглед,
на толпа луѓе,
ту се шири, се зголемува,
ту се стеснува, се намалува;
како да го предизвикува големиот,
како да му се заканува дека
скоро ќе навали да го совлада,
да го освои, да го зароби,
да го престори во помал од него.

А големиот свет во недоглед,
на толпа луѓе,
го закоравил своето рамнодушие;
одамна му е сеедно до кога
ќе биде каков што бил и каков е
откога сите свои говори и писма
ги собрал во една точка; за луѓето
да не се разбираат меѓусебно.

Меѓу еден мал и друг голем свет
во недоглед танчери и танчерки
како јато птици слободни
бескрилно танцуваат во тишина,
држејќи во рацете игриви
огнени мечеви
без сни зрачни на сечивата.

Одвреме-совреме двата света
се оддалечуваат еден од друг.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 23