Веќе никој не знае од кога
вие едно ветриште на кое
никој ни со сила ни со ум
не му се спротивставува.
Ветриштето си вие по свое
како што знае од дамнина
иако одамна нема
ни што да извива до небо
ни што да одвее најдалеку
од живи и мртви спомени
на коски од многу векови.
Веќе ниедна коска нема
своја срцевина
за на сонце за на месечина
за меѓу ѕвезди деноноќни
со зраци треперливи
и сенки безбројни.
Вие едно ветриште на кое
никој не се обидува
да му се спротивстави
макар со последна сила.
Напати како да брани
своја слобода во празнина
напати како да игра некоја
своја игра непредвидлива.
ВНАТРЕШНИ СОДРЖИНИ, Пустелија, поетска студија, 13




