Што и зошто ветуваш?
Можеш да си ветиш на себеси дека и утре и задутре и позадутре ќе бидеш ист каков што си сега, без оглед дали тоа некому му се допаѓа или не, му е прифатливо или не, го привлекува кон тебе или не? Можеш да им ветиш на твоите ближни, познајници и соработници дека ќе продолжиш да работиш и дејствуваш како сега, за добро на сите и за твое во него? Можеш да ѝ ветиш на земјата, на твојата татковина дека по никоја цена нема да заминеш од неа, да ја напуштиш, да ја оставиш, да им ја препуштиш на изродници, платеници, мафијаши и предавници зашто конечно и тебе ти е дојдено сè прекуглава, конечно си обессилен, конечно поразен? Можеш да му ветиш на народот како негов предводник дека никој нема, ниту ќе може да се спаси од раката на правдата?
Што и зошто ветуваш?
Знам, не треба да ме учиш:
Го ветуваш она што можеш да го исполниш целосно или делумно, а доволно за да ти веруваат дека ќе продолжиш да го исполнуваш. Категорично, непоколебливо, енергично, доследно, пожртвувано. А си го ветил не зашто не се може без ветување во сечие дејствување, работење и творење, туку за подобри, поправедни, послободни и просперитетни денес и утре.
Знаеш дека ветувањата не значат ништо. Точно е дека тие на лудиот му се радување. Но, добро знаеш и што значи неисполнето или изневерено ветување. Исто што и довербата. Равенство помеѓу нив? Секако!
Прво вети си на себеси, а после ветувај им на други. Во името на меѓусебната доверба.
Јас ништо никому не сум му ветил, ниту му ветувам. Дури ни на себеси не си ветувам ништо друго, освен лична заложба и пожртвуваност за пристојна сегашнина со достојна жиеачка во неа.
Не се може без ветување? Не се може денес за утре!
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 175