Вајар

Потребно време за читање: 2 минути

Вајарот Јон од Грабовци е одамна докажан како голем, исклучителен, извонредно талентиран вајар. Многумина тврдат дека неговите дела, особено оние што претставуваат типични личности, буквално заживуваат при подолго продлабочено гледање на животворна сончевина. Некои дури разговарале со некои од нив. Момчакот Мирон од Старовци, пак, тврди дека разговара во секое време за што било со статуата на жена со вљубено лице и стројно голо тело, извајана од бел мрамор и поставена на влезот на Паркот на вљубените.

Дозна Јон за Мирон, па го побара да поразговараат. Сакаше да му ја каже идејата до статуата на жената да изваја и статуа на маж, на момчак, и тоа со негов лик. Може фатени за раце, може прегрнати и вљубено загледани еден во друг. Белки ќе нема ништо против.

Лесно може да се претпостави дека го најде момчакот пред неа на животворна сончевина, како да разговара со неа. Застана на чекор зад нив и му се обрати:

-Мироне од Старовци, верувам дека знаеш оти срцево ми заигрува кога ќе слушнам за заживување на мое вајарско дело откако некој ќе се загледа во него. Тоа значи дека сум успеал да создадам уште една моја рожба…Слушнав дека во секое време разговараш со женава со вљубено лице и стројно голо тело.

Мирон му одговори без да се сврти и да го погледне:

-Таа е вљубена во мене, а јас не можам да ѝ се изнагледам на мраморната белина…Ти ја изваја, нели?

Одговори вајарот Јон од Грабовци:

-Да, јас…Се гордеам со неа. Ја сметам за најубава од сите скулптури на типично вљубени жени извајани од бел мрамор…Ќе ми дозволиш да извајам маж со неа, кој ја држи за рака или ја прегрнал…со твое лице?

Мирон промрмори, а Јон сепак го чу:

-Кој сум јас да ти дозволам или не?…Само да знаеш дека колку и да се трудиш, нема да успееш да го извајаш моето лице на неа. Поготово не што ќе заживее крај неа пред секој што ќе се загледа на животворна сончевина…А зошто да ме извајаш? Што ти е идејата? Која ти е целта?

Јон:

-Каква идеја?! Зошто цел?! Само сакам да создадам уште една типична личност до женава со вљубено лице и стројно голо тело. И таа заживеана како неа.

Мирон се сврте, го загледа вајарот од глава до петици и пред да се оддалечи од него му рече студено:

-Јас можам да бидам мраморен крај неа и со неа само безличен.

Јон се поднасмеа.  

ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 67