Траеш и истрајуваш

Потребно време за читање: < 1 минута

Во љубов со љубов траеш
и истрајуваш до свој крај,
што го знаеш уште откога
остана сам во залез
на сонце на издишувачка.

Меѓу една и многу љубови
не наоѓаш ништо вредно
за заживување, за живеење
како цвет во овенување,
како плод во дозревање,
за преживување доживоти.

Во меѓувреме се оддалечи
премногу од љубов
само со љубов докажлива,
па сега се соочуваш
со трага нечија
која не може веќе да биде
сечија, ниту за којзнае
до кога, откога немаш
со кого заедно
да веруваш дека негде има
пев и повев низ простор,
без каква било содржина.

Траењето и истрајувањето
едновремено,
без оглед на времињата кои
успеа да ги собереш во миг
што ќе опстојува дотогаш,
додека ти опстојуваш
меѓу гласни и безгласни
бездомници,
се случува некако пречесто
во залез на сонце
на издишувачка,
пред ноќум да почне
одново љубов со љубов.

Ти се радуваш, ти тагуваш,
ти стравувајќи подигруваш
некоја своја измислена игра
за да те има над земја.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Зрачат сни, поетска инсталација, 18