8. Убавина
Убавино, ни недостасуваш сè повеќе. Те нема кога ни требаш. Те мислиме дење, те сониме ноќе. Оти грд и груб ни станува животецов.
Убавино, биди со нас барем во невреме кога во време си сè помалку и сè поретко.
Убавината е минлива? Да надворешната, онаа што е на нас, надвор од нас, на други и околу нас. Се разбира, пред сè со годините, но и со друго. Не внатрешната, онаа што живее во нас и со нас дури нè има. Која ја откриваме во други со време за наше време.
Онаа што го заморува поетот е трајната. Испеана, насликана, раскажана и докажана.
Колку е убавината интересна за промислување и домислување, за мудрост? Надворешната никогаш не била и не е, а внатрешната е секогаш.