ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 43

Потребно време за читање: < 1 минута

43. Луѓе

Луѓето се луѓе ако се почитуваат меѓу себе, ако се разбираат, ако умеат да живеат заедно. Ако може едни со други, а ако не барем едни покрај други.  

Има секакви секакви. Прво добри или лоши, а потоа секакви други. Некои мислат дека немало, нема, а ниту ќе има добри. Просто затоа што нивниот лошотилак не им дава да ги препознаат, ниту да бидат со нив. Добрите луѓе даруваат добрина, блескаат со добрина. Како да не може ништо лошо да ги допре, да ги повреди, да ги разболи неизлечиво.   

Некои луѓе се создадени едни за други, а за некои тие некои се единствено интересни или здодевни. Создадените едни за други живеат живот човечки, интересните привлекуваат со своето однесување и загадочност, а здодевните не се ни за слуишање ни за придружување.

Луѓето се луѓе со луѓе и за луѓе.