Омразата е најсилна одбојност, презир и ненаклонетост, а ја раѓаат себичноста, завидливоста, повредата на други, љубомората и невозвратената љубов. Таа длабоко унижува. Таа ранува до беспомошност.
Пизмата не мора да се искажува. Може и со молк и со премолк да се докаже. Говорот на пизмата, пак, не е за слушање оти е валкан, празнозборен, жолчен и без запирка и точка. Над сè срамотен.
Омразата се употребува единствено како злоупотреба. Некој некого мрази и омразата ја користи за да го насрчи, штета да му направи, да го урниса.
Пизмата се раѓа кај ништожни, но и кај унижени, а неуки и неспособни да се одбранат од унижувачите. Белки со неа сè ќе надоместат, ќе повратат, па дури и внатрешна рамнотежа ќе воспостават. Помеѓу душата и срцето, свеста и совеста.
Омразата ја шират околу себе и не можат да ја контролираат оние што мислат дека со сила можат да се наметнат, да доминираат, да владеат. Кога успеваат, таа им станува неподнослива на сите.
ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 42