ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 41

Потребно време за читање: < 1 минута

41. Лицемерие

Лицемерието е насекаде околу нас, а најмногу пред нас.  Во нас? Ако сме лицемерни, тогаш лицемерието не го препознаваме кај други оти сами не се препознаваме такви.

Има повеќе и помалку лицемерни? Кој да ги изброи? Помалку или повеќе лицемерие? Немерливо е.

Како против лицемерието? Никако поинаку, освен со препознавање, откривање, разголување, па од маргинализирање до ништожење:

Со мене вака, со тебе онака, а со него само така како што тој сака. Пред мене со едно, пред тебе со друго лице, а пред него и без лице за да не го препознае каков што е.

Од многу лица што ги има и ги употребува за покажување и докажување пред други, особено пред оние од кои зависи неговата лична кариера, он е најчесто безличен.

Не поднесувам лицемерни луѓе. Поарно без нив, одошто пред нив да се докажувам колку вредам. Или, пак, да барам да ми го вреднуваат создаденото.