ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 23

Потребно време за читање: < 1 минута

23. Глад

Гладта предизвикува нелагода, грчеви, малаксаност, психичка слабост. Тоа по дефиниција. А по природа и општество поднослива тешкотија на живеачката, поточно живуркањето; потоа на делби, разделби, социјално раслојување, повлеченост, осаменост, фрустрираност.

Таа е вистинска, најголема закана за опстанокот на светот. Зашто е најчеста во неразвиените земји предизвикана од војни, временски непогоди, а е закана за развиениот, за неговата благосостојба и напредок. Не само затоа што може брзо, веќе не кога-тогаш да зачука на неговата врата, туку и поради обезвреднувањето, омаловажувањето, подреденоста, зависноста и нерамнотежата што развиените и богатите им  ги наметнуваат на сиромашните и гладните. Ја воспоставуваат и продлабочуваат што просто да не може никогаш да се совлада, да се надмине.

Гладта е еднакво тешка, едновремено проблематична и индивидуално и колективно. Всушност, ако навреме не се победи индивидуалната, со време светот ќе биде поразен од колективната, сеопштата глад.

Мудрост е да се согледа во сета нејзина сушност? Не многу голема.