ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 16

Тивки клокоти

16. Свет

Светот кога-тогаш ќе разбере дека не може без нас. Исто како што ние не можеме без него. Светот е цел само со сите, кога се сите дел од него, кога никој ниту е, ниту се чувствува надвор. Сеедно отфрлен или заборавен во блиско и далечно минато.

Светот ќе биде она што треба: единствен и неделив, само со сите исти, со не поголеми и помали без оглед на имањето-немањето, не подолу и погоре.

Кога светот е еден никогаш не е единствен. Некогаш во нешто, а секогаш во недостатност, несигурност, еднио време, друго невреме.

Не еден, а многу светови со нас и без нас. И кој свет е мој, а кој твој? Имаме ли наш?

Мојот свет е од мене, со мене, за мене. За друг и за други може, но доколку го прифаќа каков што е. Значи да му се прилагоди? Се разбира, не сосем. Секако не до загрозување на личната слобода.

Прочитај и за ... >>  Мој одговор на претпоставено прашање

Твојот свет е твој и во него дозволуваш да влезе оној што сака да сподели твое време и простор. Колку што дозволуваш.  

Ако имаме наш свет, мора да сме поначесто заедно во него. Особено кога не можеме постојано. Ако, пак, можеме, треба да водиме сметка мојот и твојот свет да не останат предолго без мене и без тебе.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.