Теодор Вишен единствен

Потребно време за читање: 2 минути

Нема на светот друг ист како него. Ни само по име и презиме, ни само по појавност, ни само по телесност, ни само по природа, а ни само по мисла или дејствување.

Тој е дејствителен. Најмногу во сегашноста, секогаш со луѓе, пред луѓе, по луѓе и насекаде. Еднакво, пак, во минатото и иднината. Се знае како е најнапред можно тоа: со жива мисла.

Мислата на Теодор Вишен е секогаш беспрекорна, непореклива, јасно изречена или напишана, без одвишен и излишен збор или интерпункциски знак. Длабоко мислена. Најинтересно од сè: таа е необврзна, но замислува, неретко порачува, најмалку, пак, советува. Ретко предизвикува чувство на рамнодушност.

Мисла што се памети зашто е неповторлива? Тоа самиот не може да го потврди, а негов став е дека сè смислено и обмислено во животот на мислечка личност, што се повторува одвреме-навреме, не може да се искаже или напише со исти зборови. Исто како самиот живот.

Во своето единствено дело „Жива мисла“, Теодор Вишен често и во не мала мера му посветува, според него должно внимание на животот како постојаност, менливост и минливост:   

Не е возможен постојан живот без постојани правила.

Лесен живот на бесрамни, дрски, самодовлни, арогантни, а расипани и гнили.

Само по смрт жив или мртов.

Не се живее со случајности спротивни на очекувања и надежи.

Со предавства умираш додека си жив.

Полнота на животот што ти го даруваат природата и мудроста.

Живот надежен, возбудлив, во љубов, спокој и исполнет со добрини.

Животот е неповторлив и единствен по смрт.

Се креваш и паѓаш, ако на тоа те научил животот.

Животот најдолго се живее меѓу минатото и иднината.

Светлина една од утро до квечер, а сенки многу.

Живот со знаење и искуство во секој негов момент.

Животот те учи додека го откриваш и проучуваш.

Не вреди живот во неизвесности, сомненија, стравувања и безнадежност.

Само што си почнал да го разбираш животот-тој запрел.

Живот со дофатно, можно и надежно.

Нема убав, а тежок живот.

Живот бесцелен е исто што и незабележана смрт.

Добар живот со добри дела.

Докажуваш дека си жив со доблести.

Еден живот мачен, друг лесен.

Да живееш живот со она што го сакаш и можеш да си го дозволиш.

Во животот од една во друга неизвесност.

Самиот избираш меѓу долг и доволен живот.

Животот е краток кога секогаш немаш време за себе.

Од секој нов ден нешто ново во животот.

По убав живот спокојна смрт.

Нема живот без задоволства и мали и големи.

Секогаш нов живот по многу смрти.

Живот со дела до смрт.

Живееш додека сакаш.

Цел еден живот меѓу сакање и можење.

Животот пишува романи? Ако е писмен и со знаење и мудрост проживеан.

Животот не е секогаш сериозен. Многу често е и трагичен.

Минлив живот:
Живееш денес, а дали и утре-не зависи од тебе.

Во животот се играат повеќе комедии одошто трагедии, а најмногу трагикомедии.

За жалење си ако живееш како што мораш.

Живеј живот во рамнотежа на внатрешниот и надворешниот свет.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 4