ТЕКОВИ, раскази/ескизи

52. На последно распаќе

Тој мина низ многу премрежиња, состојби, сомневања, радости, загрижености, надевања, безнадежности и мали и големи распаќа за конечно да стаса на последното.

Се разбира, како на секој и нему не му било тоа цел. Напротив, на секое што му се чинело последно да достигнал една, та си поставувал нова. Пред да стаса некое време му била недогледлива, камо ли согледлива, но стоејќи во место или преуморен од ôд без запир му се гледала сè поблиска и сè поблизу. А кога ќе стасал, ќе си речел „Значи, дотука било, тука е, еве ја“, па ќе седнел или ќе легнел на распаќето на кое стасал, и ќе ѝ се порадувал на целта; колку е голема, пространа и длабока. Затоа што успеал да стаса на неа. Најсетне ќе одморел, ќе приберел нова снага, ќе станел и ќе си го продолжел патот. До ново распаќе.

Еве го конечно стасан на последното. Од кај знае дека му е последно? Знае според две нешта: се ничкоса наземи преуморен среде, во точката во која се пресечуваат сите патишта на неговиот свет, не наоѓајќи на неа никаква своја цел, и ни близу ни далеку ниту си поставува, ниту замислува, ниту догледува, ниту согледува нова. Згора на сè, од точката сите патишта продолжувале на сите страни на светот.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Тој бесцелно на своето последно распаќе.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.