39. Запустен црнозем
Не, не е за чудење, ниту за изненадување запустениов црнозем. Омеѓен, ограден, опфатен со дабови, букови, габерови, јасенови и лескови дрвја, со бодлив тељ и железна капија на западната страна. Ист таков до него, по него друг и уште неколку помали. Да, прилично голема црноземна поврвнина, можеби три-четири хектари.
Човек не треба ни да се прашува од кога е запустен црноземов, судејќи според обраснатоста со трева и трње. Сигурно не е одамна, ама не е ни од неодамна. Ќе да е во нашево време на забрзано иселување на младите од државичкава ни. Селово со точно сто и четириесет и три куќи од камен, греди и глина е веќе одамна напуштено, празно, на умирање.
Не ќе е од дамна викано Црник, како што еднаш на минување ми кажа едно нејзино старило, сигурно веќе отидено во неврат. А и на почетокот на џадето, што минува среде и го дели на два дела, на камена плоча е пишано Безгласје.
Крај запустениов црнозем тече бистра река полна со пастрмки.
Белки ќе ми успее да му влезам во трагата на стопанот, кај да е сега, и да му го купам. Решени сме, јас, жена ми Станка, синовите Градимир на тринаесет, Ненад на шеснаесет и ќерката Верица на десет ипол години, да заживееме на него и да го оживееме. А успеав и да го убедам да ми се придружи мојот сосед од детството Анастас, со семејството, да го стори истото, да го продолжиме соседството. Да почнеме наш нов почеток.