ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

20. Водата

Го заслушав оддалеку, па побрзав да дојдам што поблизу откако чув и разбрав дека зборува за водата. Се качил на големата бетонска бина како школка во паркот, покрај централната фонтана викана „Срце“, ја кренал десната рака со кренат кажипрст кон небото и зборува.

Го знам човекот. Се вика Павле Илиески и е познат во градот како сликар на маслени слики-големи платна секогаш со доминација на јарко црвена и силно црна боја, но и како промислувач на актуелни состојби и проблеми на нашево совремие.

Од моето доближување до јасно слушање на секој негов збор минаа не повеќе од минута-две, а со оглед на она што го дослушав заклучив дека или веќе зборувал долго или немал многу што да докажува.

За водата од него го чув и го запомнив ова:

„Луѓе, бидете искрени пријатели со водата како што сум јас. Што значи тоа? Тоа значи да ја употребувате секојдневно, но никогаш да не ја злоупотребувате; не само да не ја трошите залудно, повеќе одошто е нужно, туку и секогаш да ја имате како своја жива.

Не знам колкумина од вас знаат, но еве јас ви кажувам да знаете сите дека водата е жива. Тоа е научно докажано, но од искони се знае дека е жива сè додека е човек со неа. Ако не може физички, тогаш во неговото тело или духовно. Мислам дека ова не треба да го образложувам или објаснувам. Само ќе речам дека таа како жива дише, чувствува и мисли, се возбудува, се плаши, се загрижува и постојано, без престан си ги брани мирот и спокојството. Во телото на човекот е рамносилна со неговата крв и заедно со неа го води низ лавиринтот на животот за да не заскита, та никогаш да не стаса до својата цел. Духовно е со човекот кога се извишува докажувајќи се со своето дело.

Меѓутоа, водата се умори, премалува кога минува испрекршен пат, со многу свиоци и крстосници или со пречки кои со сила ги надминува. А кога стасува на целта или е пред самоти умирање или веднаш умира. Затоа треба постојано да се обидуваме да го следиме нејзиниот природен тек. Особено кога е во природа или е дел од неа.

Слободата и силата на водата се од нејзиниот извор до вливот во некоја друга, ближна или туѓа. Слободата и силата на водата во нас нè докажува како слободни и силни личности“.

Успеав да се пробијам во првиот ред присутни слушатели, да застанам пред него, да му подарам простосрдечна насмевка, со благодарност да ја земам од него подадената чаша изворска вода и да ја испијам.

Leave the first comment