ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 2 минути

17. Човечки времиња и невремиња

-Големи и суштествени се разликите меѓу човечките и времињата и невремињата на природата; некогаш дури спротивни, па и спротивставени. Не само дека човечките не се омеѓени, разграничени како на пример годишните доба, иако во последно време и тие влегуваат една во друга. Можеби најнапред затоа што нивното траење зависи од различни расположби и животни динамики.

Стариот мислител и сликар Иван Секулоски седнал до мене на клупа на кејот, ги потпрел рацете на бастун, а тие без престан му се тресат (физиолошки тремор ил Паркинсонова болест?), и ми зборува длабоко замислен. Го слушам внимателно, иако неговото кажување не ми е баш интересно.

-Најдобро е човечките времиња и невремиња и времињата и невремињата на природата да се наспоредни и испреплетени. Тоа го има кај малкумина и е краткотрајно, а човекот и природата се едно, како сплотени и буквално и метафорички. Кога го има тоа, најчесто станува збор за времињата, не и за невремињата. Четири се човечки и исто толку природни: детството и пролетта, младоста и летото, зрелоста и есента, староста и зимата.

Ме заинтересира за невремињата:

-Според тебе, како се наспоредни и испреплетени човечките и невремињата на природата, без оглед на краткотрајноста? Досега немам чуено за такво нешто.

Стариот мислител и сликар Иван Секуловски се замисли длабоко и мина речиси минута кога ја крена десната рака, го исправи показалецот како да бара да го слушам внимателно, па речиси во еден здив го рече следново:

-Има два вида човечки невремиња: лични, во човекот, во неговата природа, во неговиот карактер, од кои зависи неговото расположение или неговото нерасположение, и излезени од него, надворешни, насочени кон друг, кон други, подготвени за противење, за сопоставување, дури за борба. Од нив зависат неговите односи со други луѓе, како и неговите однесувања, реакции, па и неговото дејствување и неговото создавање. Кога е збор за невремињата на природата, пак, вака стојат работите: тие се минливи и променливи во зависност од траењето на годишните доба, но и од рамнотежата на природата врз која најмногу навалува човекот; ја разнишува, ја пореметува, ја обезумува; некои се редовни и нужни, а некои непредвидливи и ненадејни.

Јас:

-Сакаш да кажеш дека надворешните човечки времиња и невремиња во најголема мера влијаат на времињата и невремињата на природата, а тие во мала, па и најмала на човечките?

Тој:

-Сакам да кажам дека колку човекот сè помалку зависи од природата и најмногу затоа атакува на неа, ја менува, сè повеќе ја обеснажува, ја обезвреднува и ја обезличува, исто толку, па и повеќе атакува на себе, се менува, се обесценува, сè позабрзано се обеснажува и се обезличува. Најмногу и најбрзо како последица на своите времиња и невремиња.

Се наоблачи и почна да дува сè посилен ветар.

-Време е да станеме. Треба навреме да се прибереме во своите живеалишта,-му реков.-Ти имаш свое, нели?

-Ти оди си, а јас ќе поседам уште малку,-ми рече.-Ќе почекам да видам колку ќе биде човечко времево или невремево што наодаѓа.

Се разделивме.

Leave the first comment