fbpx Прескокни до главната содржина

ТЕКОВИ, раскази/ескизи

60. Камен ѕид паметник

Човекот ѕида ѕид од камења откога го знам, а го знам одамна. Се знаеме уште од деца. Не знам кој пат фати во животот, што стана, од што и како живее, ама ѕидот ќе да го ѕида повеќе од педесет години. Ако добро се сеќавам, го почна како дел од детска играчка, некоја негова, кога обајцата имавме пет-шест години. Не престана! Го ѕида и ден-денеска!

Ѕидот на човекот е крајпатен, од десната страна на неговиот пат. Долж левата е голема и висока планина до недоглед. Негов пат? Да, негов и само негов. Повеќе врвица одошто пат, одошто џаде. По која не оди, не чекори, не врви никој друг, освен него. Почнува од прагот на неговата куќарка на крајот од селото, а тој постојано го продолжува наспоредно со ѕидањето на ѕидот.

Колку е долг? Колку е висок? Колку е широк? Никогаш не ми дошло на ум да го прашам или сам да го измерам. Не е ниту многу висок, ниту многу широк. Секој ден е подолг за еден магарешки товар големи камења. Какви камења? Па, не потешки и поголеми од колку што може да крене на раце. Магарешки, не на пример коњски, затоа што со магаре ги збира и ги носи од планината.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Секој ден, од претпладневен до пладневен час, делник ли е празник ли е, го ѕида човекот својот ѕид од камења редејќи ги еден по друг и еден врз друг. Зошто? Ми има речено еднаш и сум запаметил:

Камениот ѕид е негов паметник. Значи, тој не е за некој намерник што ќе врви по неговиот пат, повеќе врвица одошто џаде, ако наиде некогаш откако тој ќе отиде во неврат, или за некој што ќе догледа своја цел на неа. Toj e за да го памети неговото постоење. Тој него. Значи, како своја трага. До недоглед. Камена.

Да дораскажам: крајпатниот ѕид на човекот, од десната страна на неговиот пат, ја дели, поточно речено ја брани врвицата од длабока провалија.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.

Важна напомена: Сите права се задржани. Не е дозволено какво било преземање, копирање, објавување или преработка на делови или цели содржини од овој портал без претходно одобрение од авторот, редакцијата и/или издавачот. За секоја повреда на авторските и сродните права, Паноптикум го задржува правото да побара надомест и соодветна правна заштита.

Уредничка напомена: Во подготовката на содржината може да се користи дигитална/AI асистенција како помошна алатка за јазична, структурна, истражувачка или визуелна обработка. Финалниот текст е уреднички прегледан и објавен под одговорност на авторот и/или редакцијата. Главната илустрација на написот може да биде фотографија, авторска/архивска слика или AI-генерирана концептуална илустрација создадена за визуелна поддршка на текстот.