110. Последна исполнета желба
Мирно, може да се каже рамнодушно го прифати наодот на лекарскиот конзилиум дека е неизлечиво болен и му преостануваат не повеќе од два месеца живот. Му го соопштија тоа директно, в лице, нагласувајќи дека ќе сторат сѐ болките да му бидат што поподносливи. Ако има некоја желба што може да ја исполни кој било од лекарскиот персонал, само нека ја искаже и ќе му биде исполнета.
-Имам една, лесно остварлива. Да ѝ јавите на една Госпоѓа дека сакам да ја видам за последен пат.
Им ги даде името и адресата.
Госпоѓата дојде следното претпладне. Дама со убав и сјаен тен, кратка црна коса, сини очи, со виолетов кармин на усните; стројно градена, облечена во бел костим и црни чевли со високи потпетици. Речиси една глава пониска од него.
Се поздравија како стари познајници, па се прегрнаа. Таа седна на креветот спроти него. Молчеа некое време загледани втренчено едено во друг, одвреме-навреме упатувајќи си топли насмевки и меѓусебно милувајќи си ги лицата. Обајцата проронија солзи.
Дамата стана, се наведна над него, го бакна, се сврте и излезе од болничката соба.
Почина по два месеца, како што процени лекарскиот конзилиум.