СВОЕВИДНА ЖИЗНЕНОСТ, минијатурни раскази/ескизи

Потребно време за читање: < 1 минута

96. Успех

Миле Угриновски конечно постигна успех. За некој голем, за некој мал, а за него само почетен и поттикнувачки. Особено ако се имаат предвид неговите години. Пред четири дена наполни дваесет и осум. По толку години напорно учење и наспоредно работење што било за да заработи колку за преживување…

Сета младост и созревање ѝ ги посвети на архитектурата. Се определи за неа уште во основно, заврши средно градежно училиште, со висок просек дипломира на Архитектонскиот факултет. Сѐ уште не е постојано вработен.

Миле Угриновски освои прва награда на конкурс за идејно решение на скротување на матна и длабока река што минува низ велеград. Ја подели среде, над неа постави неколку мостови на раздалек од двесте и триста метри, издигна високи кејови со кафулиња, мали спортски терени и плажи, а крај плоштадот предвиде големо панорамско тркало.

Уште само да ја дочека реализацијата на неговиот проект. Белки ќе почне скоро.

Leave the first comment