- Незабележлив
Никој не го забележува кога е помеѓу луѓе, но и кога не е. Кога е, сите се однесуваат спрема него како да не е. Дури и кога ќе се разминат со него, дури и кога ќе се судрат; камо ли да го догледаат или со него да се погледаат. Тој најмногу внимава некому да не му го попречи чекорењето, да не му го пресече патот. Кога, пак, не е помеѓу нив, како никогаш да не бил.
Никој не може да го опише, да докаже дека некогаш му паднал в очи со што било.
Во ова студно време од рано наутро е на место на кое се вкрстуваат две врвици, седнат скрснозе пред слабо оганче. Едната води кон планински врвови на исток,а другата кон запустена земја на запад. Како секогаш, незабележлив од сите што одат по нив.