- Графит
Еднаш случајно залутав во тесна слепа улица. Од двете страни високи ѕидови на стари куќи, со високи стари дрвени влезни врати и стари прозорци со железни решетки. Сите целосно покриени со разнобојни графити, со доминантна црна боја.
Еден графит беше забележлив, некако истакнат, изделен од околните. Можеби само за мене. Признавам дека ми се допадна. Над испишаните извртени црни букви, со еднаква дебелина, среде, избрчкан лик на старец, со брада и потсмешлив поглед. Всушност, тоа беше мисла како порака:
„Политиката е за умни, зналци и чесни“.
Одамна не сум залутал во тесната слепа улица. Којзнае дали е графитот уште таму. Забележлив, некако истакнат, изделен од околните.