СВЕТОВИ, поезија/припеви, 71-75

71. Нели

Ние бевме, ние сме,
ние можеби ќе бевме,
ние одамна не сме
во кругови.
Кои без престан
ту се шират
ту се стеснуваат
за никако
ние да не се најдеме
во еден само наш.

72. Лесно

Било лесно,
но не сме знаеле
дека над небо
ние ќе се искачиме
први громогласно
и први мислено.

73. Ископина

Допрва ќе ја откриваме
епохата на која
ѝ припаѓа ископинава:
семејна гробница
преполна со коски
наредени една до друга
според годините
на раѓање и умирање.

74. Рески

На нем ѕид
што фатил нем
безброј рески
од најгоре до најдолу;
најмногу препознаени
како години на немост
и самотност
меѓу мрак и виделина.

75. Што уште ти

Мора да можеш ти
уште гола на залез
на слободно сонце.
Од тебе родено,
во тебе непреболно
дека ни гола макар
со последен зрак
не може да те допре.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.