66. Ведра жена
Танцува жена на полноќ
меѓу ѕвезди и месечина.
Насмеана, распеана,
животворна пред луѓе
кои сноват без љубов,
без мечтаење.
67. Крстови
Носат свои крстови
намерници,
заборавени од свој род
или оставени од него;
да го бараат крајот
на животот среде
глува, мртва тишина.
68. Жива рана
Една жива рана скрвавена
на обневиден
од последни чекори во жед
нема да биде надвладеана
сè дури макар обессилена
не пронајде скришен извор
со кој ќе се измие
и ќе се покрие со земја
до нова борба претсмртна.
69. Рамновесје
Колку ти со своја грижа
навалуваш на сон наш
недосонет,
толку јас со своја мисла
навалувам на плод наш
недокажан;
за да сме во рамновесје
дури заедно не минеме
на другион брег
на рекава безживотна.
70. Раскајник
Одамна раскаен
заита накај изгрев
на далечно сонце,
надевајќи се дека
конечно ќе успее
зраците негови
да привие околу
своја една љубов.