СВЕТОВИ, поезија/припеви, 61-65

61. Пакосник

Го знам дамна
скраја од него.
Прави сенешто
само за да биде
ништо
ни од некогаш
што е.
А нема лице
пред миг по миг,
за од миг во миг,
та се престорува
во сениште.

62. Излитени

Се излитија зборови
речени и без молк
загадочен во себе;
од дамнина досега
испишувани
меѓу луѓе кои зборат
за да не се разбираат
меѓусебно
кога надоаѓа некоја
незнајна сила.

63. На праг

Дошол ненадејно
од којзнае каде,
премален можеби
од голема далнина,
та застанал, та седнал,
та прилегнал на праг
на мртва куќа.
Којзнае до чие време
нема никој да го најде
мртов и безимен.

64. Јава

Во јава јава на коњ
или на друго
спитомено животно
за јавање.
Неизвесно е дали
скоро ќе одјава
до друга јава
во која
на јава што-годе
или на јава кој-годе
нема да го најавне.

65. Шарба

Што шарба шари
дете годинак
што прозборе
прв збор немо
со смеа, па со плач
оти оставено само
да застане на нозе?
Како да шари шара
за игра со облаци
и оно како сонце.    

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.