36. По многу години
Се редат години
по години наредени
на пат, крај пат,
за пат што води
до скорашен крај
со нечие паметење
како брз заборав.
37. Мироглед
Неговиот мироглед
не се менува со години
ни според годишните
невремиња,
ни затоа што пред
којзнае кога
е меѓу изгрев и залез
на зборови пред
небрежна, а бескрајна
игра.
38. Цветна градина
Он љуби секакви
цвеќиња живи,
за живот во љубов со
секакви надежи и сни,
во само негова
градина цветна;
во која никој не може
без него
да стане дел од неа.
39. Везден
Едно исто од него
везден,
како да не може
да замисли друго.
како да не сака
или веќе нема сили
да смени што било
во редот и обичајот
според кои сите
го научија
каков што е:
никој како него.
40. Молскавици
Параат мрачно небо
молскавици,
паѓаат на земја
гола, каменита;
меѓу луѓе кои никако
да научат дека тие
не се од невреме
ненадејно,
туку се предвидлив
почеток на создавање
нов свет
во кој е рамнозначно
сè живо и сè за живот.