СВЕТОВИ, поезија/припеви, 103-111

Потребно време за читање: < 1 минута

103. Траги

Он остави траги за некој
да најде совреме
барем една
во предел во кој
ништо не е случајно
и ништо не е прилагодено
на негови потреби сега
и во некоја иднина.
Напротив, во кој тој сам
се прилагодил
за да проживее живот
без измами и сомнежи.

104. Голеење

Голее врв на планина,
голее човек на сонце
и голее жена на сонце;
тројцата како по долги
непроспиени ноќи
што им ги премалиле
снагите, мислите
сосе думите
во обиди да се најдат
негде како последни
преживеани
на планина што голее.

105. Птица

Високо на ведро небо
далеку, за око предалеку
незнајна птица лета
со раширени крилја,
како препуштена
на спокој по умора.
Одвреме-навреме е
црна точка,
одвреме-навреме сина,
одвреме-навреме е
крвава точка
до блескот сончев.

106. Дрвја

Израснале високо дрвја
едни до други и трети
млади, стари,
дебели и тенки,
со свои корени и сенки.
Во круг во кој вљубени
ќе починуваат
по страсти, шепоти,
песни, танци и надежи.

107. На чистина

Сеедно дали случајно
или намерно се најдовме
на оваа чистина
непрегледна,
по долго патешествие
низ земји далечни
и низ земји блиски
на нашата во дамнина.  
Всушност излеговме
јас и ти на чистина
сосе нашите залудности.

108. Решени

Таа е решена
да пренесе оган
в раце,
прелетувајќи река
од брег мразник
на брег молчалив,
за прва рожба нивна.
А и тој е решен
да одбрани оган
в раце
од налети на ветрови
што расејуваат семе
неплодно.

109. Мозаик

Конечно сосем открија
мајстори творци
мозаик од дамнина
создаден за да живее,
да дише, да трае под земја;
додека
минато и сегашност
не се слушнат,
не се разберат меѓусебно
и не ја сознаат врската
нераскинлива
меѓу тигри и лавови,
феникси, рајски птици,
пауни, гулаби,
онемени
знаци и гласови
на него.
 

110. Спомени

Едни се стожерни
исти, постојани,
други бледнеат
и се гаснат,
а трети заминуваат,
па се враќаат,
обидувајќи се
да не угаснат
меѓу живи и мртви
сонувачи.

111. Извивање

Извиваат лелек песна
гајди, зурли и тапани
од земја баботна под нозе
кон небо над облаци
сиви.
Во неа црцор на птици
што прелетале далнини
за да стасаат на разделба
на луѓе, за меѓу нив
да свијат гнезда
за свои нови рожби.