Зрелост

Потребно време за читање: < 1 минута

Зрелоста на човекот без строго разграничување: физичка, сексуална, интелектуална, емоционална, морална и социјална. Со право или не, се изделуваат две: емоционалната и менталната.

Препознавање на емоционално зрелите: се приспособуваат и се справуваат со неочекувани, пред сè непријатни настани, и тоа најмногу со трпение и сочувство; не држат лутина, не одлучуваат според прв впечаток, не бараат совршенство, емпатични се, ги ценат малите нешта, а вредностите и среќата им се цели над сите цели.

Препознавање на емоционално незрелите: немаат лична одговорност, немаат срам, не чувствуваат вина или разочарување; се фустрираат и се вознемируваат кога не им оди како што планирале односно посакувале; имаат проблем со сопствените чувства и не се толерантни.

Клучна е менталната зрелост-на свеста и духот, а која ги содржи: храброста, трпеливоста, искреноста, љубовта, сочувствителноста, простувањето, прифаќањето, грижата за туѓи емоции, контролата на емоциите и прифаќањето критика, преземањето одговорност, самоиздигнување по лични неуспеси; поддржуваат други и имаат сопствени мислења и ставови.

Пред сето наведено:

Созревањето е процес, а зрелоста никогаш докрајна, никогаш совршена.

Секогаш, во сè и сегде мораме да ја докажуваме својата зрелост.

ТИВКИ КЛОКОТИ, рефлексивни искази, 198