Навалила студенина северна
врз луѓе кои останале
далеку од свои југовини
откога престанале да споделуваат
радосни мигови во секидневје
со намерни и ненамерни
патници низ секакви беспатја.
Навлегла студенина
во срцевината на коските
на луѓе кои пред насилна смрт
ги напуштиле своите огништа
ги оставиле да ги запустат оние
што во ниедно доба на самост
палеле огнови под облачни неба
за сè по нив да се пеплоса.
Пустоши студенина безвременска
без ниедно свое годишно доба
без жива душа
ни во длабини ни во поврвнини.
Студенина која му одолева
од полноќ до полноќ
на јасно и помрачено сонце.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, РАЗУРНАТ ГРАД НА ПТИЦИ, поетска инсталација, 39