Строгости на форми, 41-50

41. Како пак

Неповторливо,
не било како било
во постоење.

42. Минливо

Секогаш нема
што е видливо наше
во свет когашен.

43. Структура

Се гледа мрежа
ко од пајак плетена
околу срце.

44. Далечина

Дамна пустошна
некоја далечина
пред преумора.

45. За опстанок

Корен длабоко
семе фати совреме.
Земја во живот.

46. Напред

Напред уште сама,
меѓу рожба и дом
снеможена жена.

47. Дребнавости

Пред да заминеш,
со твои дребнавости
сам се збогуваш.

48. Јадро

Влезе во јадро
на сончевина,
благодарница.

49. Крадец

Многу спомени
украдени од крадец
насликан на нив.

50. Огледување

Се огледува
убава жена,
уморна сенка.

СТРОГОСТИ НА ФОРМИ, песни со зададени зборови

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.