„Облакот“ има адреса. Има далновод, трафостаница, генератори, батерии, цевки, ладилници, километри оптички кабел и земјиште на кое сето тоа треба да се смести. Колку повеќе вештачката интелигенција се претставува како невидлива, речиси бестелесна технологија, толку повеќе нејзината физичка страна станува видлива. Зад секое барање до некој ВИ-систем, зад секое видео, пребарување, банкарска трансакција или услуга во „облак“, некаде работат машини што трошат електрична енергија и произведуваат топлина.
Затоа прашањето што го отвори актуелната расправа околу дата-центрите во Македонија, а особено иницијативата во Панчарево кај Пехчево, е пошироко од дилемата дали ни требаат вакви инвестиции. Вистинското прашање е: што бара еден дата-центар од местото во кое ќе биде изграден и што тоа место добива за возврат?
Облакот има сметка за струја
Најголемото барање е електричната енергија. Не каква било струја и не само доволно киловат-часови на годишно ниво. Дата-центарот бара голема приклучна моќност, стабилна мрежа, резервни системи и снабдување што не смее лесно да прекине.
Размерите на таа нова побарувачка веќе се гледаат во глобалните статистики. „Иновативност“, повикувајќи се на Статистичкиот преглед на светската енергија на Energy Institute и податоци од S&P Global Energy, наведува дека центрите за податоци во 2025. година потрошиле околу 787,8 TWh електрична енергија во светот, наспроти 658,2 TWh една година претходно. Според таа проценка, речиси 40% од потрошувачката отпаѓа на САД, а уште 26,1% на Кина.
Меѓународната агенција за енергија користи поинаква проценка и за 2025. година наведува околу 485 TWh. Разликата е значајна и токму затоа е корисна: мерењето на овој сектор сè уште зависи од моделот, опфатот и достапните податоци, а IEA експлицитно предупредува на неизвесноста во проценките. Но, насоката е иста. Агенцијата очекува глобалната потрошувачка на дата-центрите приближно да се удвои и да стигне до околу 950 TWh во 2030. година, додека потрошувачката на центрите насочени кон ВИ расте уште побрзо.
Тоа го менува значењето на зборот „локација“. Парцела може да има. Инвеститор може да има. Пари може да има. Ако нема навремено достапна електрична моќност, целиот проект може да остане на хартија. Голем дата-центар може да се изгради побрзо отколку нов далновод, трафостаница или дополнителен производствен капацитет. IEA и „Алијанц“ токму тука го гледаат едно од најголемите тесни грла на новиот инвестициски циклус.
Притоа, потрошувачката не завршува кај серверите. Според IEA, серверите во современите дата-центри во просек носат околу 60% од електричната побарувачка, а системите за ладење, во зависност од типот и ефикасноста на објектот, можат да земат од околу 7% до повеќе од 30%. Потоа доаѓаат мрежната опрема, складирањето податоци, непрекинатото напојување и целата инфраструктура што мора да ја одржува машината во живот.
Водата ја плаќа топлината на пресметувањето
Второто прашање е водата, но тука лесно се паѓа во друга крајност. Не постои една бројка што важи за секој дата-центар. Количеството вода зависи од големината, густината на компјутерската опрема, локалната клима и пред сè од избраниот систем за ладење.
Серверите ја претвораат електричната енергија во работа и топлина. Таа топлина мора постојано да се отстранува. Кај системите што користат испарувачко ладење или ладилни кули водата станува директен оперативен ресурс. Кај други решенија потрошувачката може значително да се намали, но често со различен енергетски или инвестициски компромис. Американското Министерство за енергетика затоа ја мери и ефикасноста на употребата на вода во однос на енергијата што ја троши ИТ-опремата.
Ова е важна разлика за јавната дебата. Прашањето „колку вода троши дата-центар?“ нема сериозен одговор додека не се знае каков дата-центар, со колкава моќност и со каква технологија за ладење. Во регион со воден стрес еден концепт може да биде неприфатлив, а друг технички изводлив. Затоа водниот биланс треба да му претходи на политичкиот ентузијазам, а не да се појави кога веќе е избрана локацијата.
Локацијата е дел од машината
Струјата и водата најлесно го привлекуваат вниманието, но дата-центарот бара уште нешто без кое неговата функција исчезнува – комуникациска поврзаност. Податоците мора брзо да стигнат до објектот и уште побрзо да излезат од него. Потребни се оптички врски со голем капацитет, по можност повеќе независни траси и различни мрежни точки, бидејќи еден прекин на кабел не смее да го изолира центарот.
Затоа дата-центрите често се групираат таму каде што веќе постојат силни енергетски и телекомуникациски јазли. „Алијанц“ во својот извештај за ризиците од новиот бум на дата-центрите ги издвојува електричната енергија, приклучоците кон мрежата, земјиштето, дозволите, специјализираната опрема, квалификуваната работна сила и поврзаноста како меѓусебно зависни услови. Дефект надвор од оградата на објектот – во мрежа, далновод, водовод или оптичка траса – може да биде исто толку важен како проблем во самиот центар.
Потоа доаѓа природата. Евтиното земјиште не е евтино ако е во зона со висок ризик од поплава, пожар, екстремна жештина или долготрајна суша. Според анализата на „Алијанц“, околу 79% од глобалниот капацитет на дата-центрите веќе се наоѓа во области со зголемена изложеност на природни опасности, а 54% е изложен на хроничен топлотен и сушен стрес. Климатскиот ризик веќе не е белешка на крајот од проектот. Тој влегува во цената на ладењето, осигурувањето, резервните системи и можниот прекин на работата.
Пехчево – прво податоци, потоа пресуда
Токму тука случајот со Пехчево станува интересен како македонска лекција. На 25. август годинава Советот на Општина Пехчево едногласно ја отфрли иницијативата за отпочнување постапка за дата-центар во атарот на Панчарево. Во јавноста меѓу главните прашања беа потрошувачката на вода и електрична енергија, влијанието врз животната средина и недостигот од доволно информации за самиот проект.
Пошироката светска слика е: локалните заедници сè почесто прашуваат колку струја, вода и земјиште ќе зафатат овие комплекси и какво ќе биде нивното влијание врз околината. Само по себе, таквото прашање не е доказ дека дата-центарот е штетен. Тоа е нормално инфраструктурно прашање.
Истото важи и во обратна насока. Ниските температури, расположливото земјиште или политичката поддршка не се доказ дека одредена локација е погодна. За Панчарево во јавноста не беа познати клучни параметри како проектираната моќност, реалната потрошувачка на вода и струја, системот за ладење и точната инфраструктура што би требало да се изгради. Без тие податоци категорично тврдење дека Пехчево е идеално место би било исто толку неодговорно колку и категорично тврдење дека таму никогаш не треба да има дата-центар.
Со други зборови, пред да се расправа за идеологија треба да се види проектот.
Инвестицијата мора да каже што остава зад себе
Дата-центрите носат капитал, градба, даночни приходи, побарувачка за инженерски и технички услуги и можност земјата да стане дел од инфраструктурата на дигиталната економија. Во време кога државите се натпреваруваат за сопствени компјутерски капацитети и технолошки суверенитет целосното отсуство од таа мапа исто така има цена.
Сепак, овие инвестиции имаат необична економија. По завршувањето на изградбата огромната вредност на објектот не мора да значи и огромен број постојани локални работни места. Од друга страна, неговата побарувачка за енергија, инфраструктурна сигурност и простор може да остане со децении. Токму затоа локалната корист треба да биде мерлива, а не сведена на големината на инвестицијата објавена во соопштение.
Тука се појавува прашањето што ќе станува сè поважно: кој ги плаќа новите трафостаници, далноводи, водоводни капацитети и мрежни зајакнувања? Ако тие се потребни за еден голем корисник, треба однапред да биде јасно колкав дел од трошокот го носи инвеститорот и што останува како подобрена инфраструктура за заедницата. Во САД, каде што бумот е најнапреднат, Lawrence Berkeley National Laboratory веќе проценува дека дата-центрите во референтното сценарио би можеле да достигнат околу 11,8% од целата американска потрошувачка на електрична енергија во 2030. година. Тоа е индустриска политика, а не обична урбанистичка ставка.
Всушност, што бара еден дата-центар?
Бара многу струја, достапна постојано. Бара начин да ја отстрани топлината што ја создава таа струја. Во одредени системи бара значајни количества вода, во други бара повеќе опрема и енергија за поинакво ладење. Бара оптички врски, резервни траси и ниска латентност. Бара земјиште, пристапни патишта, физичка и сајбер-безбедност, резервно напојување, противпожарни системи, квалификувани луѓе и способни служби за интервенција. Бара локација што нема утре да стане неподносливо жешка, безводна, поплавувана или редовно загрозена од пожари.
А бара и нешто што техничките спецификации често го ставаат во втор план: доверба.
Заедницата во која ќе се изгради дата-центар треба да знае што доаѓа на нејзината територија. Колкава е моќноста? Од каде ќе доаѓа струјата? Какво е резервното напојување? Колку вода ќе користи и од кој извор? Како ќе се лади? Што се случува во сушна година? Колку луѓе ќе работат таму? Кој ја плаќа новата инфраструктура? Какви приходи добива општината? Како се управува со ризикот од пожар, поплава или прекин на снабдувањето?
Ако инвеститорот има добри одговори на тие прашања, јавната расправа престанува да биде борба меѓу страв и маркетинг. Станува споредба на бројки, ризици и корист.
Вештачката интелигенција може да изгледа како свет на алгоритми, но нејзината географија ќе ја цртаат електроенергетските мрежи, водните ресурси, оптичките кабли и климатската отпорност. Земјите што ќе привлекуваат дата-центри нема да бидат едноставно оние што нудат најевтино земјиште. Ќе бидат оние што можат да понудат сигурна инфраструктура и, истовремено, да докажат дека новиот дигитален капацитет не ја троши иднината на местото во кое се вселува.










