СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

10. Прибежиште

Направи си прибежиште
дури сѐ уште имаш време
за заедно со луѓе
да минуваш последни дни
твои и нивни.

Затоа што многу скоро
од сите страни ќе навалат
огнови, ветришта и суши
кои долго ќе ја пустошат,
долго ќе ја ништожат
човештината
со која сѐ уште успеваш
заедно со луѓе
да градиш бедеми
за одбрана на живот.

Притоа внимавај
прибежиштето да биде
доволно големо,
доволно широко,
доволно длабоко,
доволно високо

што да не може никој
ништо да му стори,
да не може ни жива
ни крвава рана
да му отвори.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.