18. Со ближни
Ближните блиски ми се
ем далечни
додека сум со нив кога
сум или не сум.
Ближните блиски
поначесто ги слушам
од далечните
и кога не ме слушаат,
и кога не се слушаме;
зашто јас еден на врв
на моја планина,
тие многу на свои,
близу, едни со други
исти и различни
како исти.
Ближните далечни
ги слушам дури
им слушам грижи
за опстојбата
на нашите корени,
а тие ме слушаат
оти уште со здравје
можам да заживувам
родно семе на земјава
плодородна,
благородна.
Туку,
што да им порачам
на ближните мои
блиски ем далечни
во мигов безимен
од мојава сегашнина,
сѐ уште моја,
огнена, разгорена
за без мене и со мене?
Дека мораме заедно
да оставаме траги
од нас, по нас
кои некогаш овде
ќе нѐ вратат блиски
и далечни, исконски.