СТИХУВАНИ БЕСЕДЕЊА, стихозбирка

14. Сешто создавам

Нешто веќе создадов,
а сешто уште создавам.

Ќе биде и ќе остане така
сѐ додека сум во пустина
со секакви доживелици
во многу живи светови
и смрти.

Да, во неа без престан
редам, трупам стојности
за во неа никој
каква било моја трага
никогаш да не пронајде.

Значи, создавам сѐ
што ми доаѓа мигум
колку да ми ја затврди
единственоста;
и сѐ што ми дошло
до пред да ми премалат
снага, ум, мисла, сетила
и храброст;
сѐ што ми иде допрва
за да ме препознава
како бранител на земја
во која
слободата и сонувањето
секогаш ќе бидат пред сѐ
друго што е дел
од личниот идентитет.

Сешто создавам
за да опстојам во време
изгорливо, изразливо,
а нешто од мене конечно
создадено
секако ќе остане мигум
макар
како продолжение
на говор праисконски.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.