Кога ќе ти натежнат годините не мора и здравјето, а не мора и светогледот да не ти е за денес. Напротив, тие се носат со напор, од ден на ден сѐ поголем, но здравјето може да се варди уште долго како неначнато. Најмногу на духот.
Не е работата дали староста (си) ја признаваме или не пред оние што ни се противат или полесно (полетно) и побрзо чекорат напред во животот (ние неминовно назад), туку колку сме заедно со нив во опстојувањето.
Мудроста доаѓа со годините? Нема врска! Годините ни доаѓаат со мудрост ако продолжиме животот да го живееме со нам блиските и најблиските, а не да го живуркаме со сѐ подалечните и најдалечните од нас. Или преживуваме во осама.
Што рекле мудри луѓе, и стари и млади, за староста?
Многу, а еве само мал дел од реченото:
1. Старецот е човек кој го довршил својот ручек и гледа други како уживаат во јадењето.
Оноре де Балзак
2. Староста сите сакаат да ја дочекаат, а кога ја дочекале се лутат на неа.
Цицерон
3. Здодевно е да се старее, ама е тоа единствен начин долго да се живее.
Џорџ Бернард Шо
4. Почитувај го старецот ако поради ништо друго, поради тоа што толку долго го носел товарот на животот.
Јохан Лудвиг Рунеберг
5. Старецот губи едно од најголемите човекови права: него повеќе не го оценуваат нему еднаквите.
Јохан Волфганг Гете
6. Бескорисно е во староста да се продолжува животот. Младоста треба да се продолжува.
Иво Андриќ
7. Стареејќи, човекот станува и полуд и помудар.
Ла Рошфуко
8. Ниеден мудар човек не посакал да биде помлад.
Џонатан Свифт
9. Многу е подобро со шеесет години да се биде млад, отколку со четириесет години стар.
Волт Дизни
10. Колку што станувам постар, се помалку верувам дека мудроста доаѓа со годините.
Хенри Луис Менкен