Стамено чекорење

Камено небо

На камено небо стамено чекорење
заживеано сосе зборови и смисла
меѓу секакви птици во прелет
меѓу некакви екоти безначајни
како нечујни како да се преполни
со празнини и сушини.

Стамено чекорење на човек
кој веќе минал низ простори
блиски и далечни
гранични и безгранични
па тргнал кон некој свој свет
што го создал во меѓувреме.

Не се прашува дали ќе издржи
до крајот на залезот
и изгревот на месечината  
пред ѕвездите или по нив
можеби меѓу нив.

Се прашува до кога ќе живее
еднакво во воздиви и издиви
сосе стамените чекори
од една до друга самост бесплодна.

Он на камено небо
сосе зборови и смисла
меѓу птици екоти безначајни
нечујни
преполни со празнини и сушини.

КАМЕНО НЕБО, Стаменост, апстрактна поезија/игриви песни, 72

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.