Подолго време е во мрачнина, а од неодамна среде неа. Од каде и како го знам тоа? Мрачнината научив да ја препознавам според неколку знаци и пројави. Што и не изненадува, со оглед на мојот подолг престој со него во неа. Но, како знам кога е среде неа? Некои особени знаци и пројави? Кои?
Досега не сум разговарал ни со него ни со друг за тоа прашање. Не ми се наметнувало, тој не ми го наметнувал, а за волја на вистината веќе подолго време воопшто не разговараме за неговата мрачнина. Како заедно да сме ги надминале сите прашања и дилеми или како да сме ја прифатиле како вообичаена, како да му е природена.
Дали и според што се разликува неговата од мрачнините на оние кои исто како него ја имаат во себе и надвор од себе, на која тој и таа толку се навикнале што просто не можат еден без друг?
Јас не сум како него, иако сме прилично долго заедно. Немам своја мрачнина која според што-годе се разликува од вообичаената која ги дели денот од ноќта, која на луѓето им помага да се одморат и да се подготват за наредниот ден. И неговата се случува кога ќе падне ноќ. Некогаш ми се чини дека тој се разликува од сите луѓе со кои општи, со кои соработува на некој начи и споделува вредности или минливости токму според неговата мрачнина.
Кога е со мене, како негов добар пријател, најразличен е токму кога е среде неа. Како знам? Досега неколкупати случајно или намерно бев пред неа кога тој беше среде неа, во нејзиното јадро.
Ќе се обидам накусо да ја објаснам неговата исклучивост, пред сè како човек кој е тогаш она што е: во хармоничноста на физичката димензија, значи на телото и материјалниот свет, и духовната, значи на свеста, внатрешниот мир и метафизичкото постоење. Еднаш му ја предочив, а тој се насмевна нагласувајќи дека тоа е суштината која секој мора да ја знае и да ја препознава однапред, доколку сака да ја докаже свесноста за своето постоење. Одмавна со рака, како да ми дава на знаење дека не треба нему да му го докажувам тоа единство; потсетувајќи ме дека секогаш треба да ги имам предвид сетилата од една страна, особено природата, стареењето и времето на телото, неговата реалност, а од друга духовноста како енергија на внатрешниот живот, свеста, емоциите и нејзината безвременост. Додаде дека човекот постои едновремено како физичко, ментално и духовно битие.
Со оглед на важноста, повторувам дека тој е подолго време во мрачнина. Која токму поради долгиот престој може секој што му е близок да ја препознае според неколку очевидни знаци и пројави: во неа владее длабока тишина, личи на длабина во стена и нема ни влез ни излез.
Има неколку препознатливи знаци и пројави на мрачнината среде, во нејзиното јадро. Освен хармоничноста на неговата физичка димензија, значи на телото и материјалниот свет, и духовната, значи на свеста, внатрешниот мир и метафизичкото постоење, од која почнуваат многу долги и длабоки траги како празни корита на реки, тој го изразува своето чувство на празнина со круг и долго седење на колена во него. Како да е во време на молитва или медитација.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 27









