-Зошто се среќаваме по многу години?
-Јас мислам затоа што ни беа, ни се различни патиштата. Може наспоредни, ама различни.
-И сега се среќаваме баш на ова место оти ни се вкрстуваат, оти сме на крстопат?
-Јас мислам да.
-А не мислиш оти нашите патишта, јас не мислам оти се многу различни, нè наведоа да се сретнеме по многу години?
-Не знам. Можеби…Мислам да.
-Зарем тоа не значи оти по крстопатов има само еден пат? Наш, заеднички?
-Јас мислам да, значи, па треба што побрзо да го догледаме и да тргнеме по него.
-Но мораме да пронајдеме некаков знак, како патоказ и да согледаме дека тој не води кон беспаќе.
-Секој пат има знак на показ, доказ или предупредување. Како што имаа патиштата зад нас, мојот и твојот.
-Не знам дали и ти исто, јас го следев сонцето и согледав дека мојот пат води кон зајдисонце.
-Многу чудно. И јас го следев сонцето, но согледав дека мојот пат води кон изгрејсонце.
-Ај да седнеме, да починеме, па белки на ист начин ќе согледаме дека е пред нас заеднички пат кој води кон нов хоризонт.
-Да починеме.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 25