65. Искрено
Бисера и Апостол насамо на кафе во сончево претпладне, во кафулето „Искра“ што се наоѓа на кејот на Вардар, подолу од центарот на Скопје.
Бисера:
-Како учењето, синко?
Апостол:
-Одлично, мамо. Прилично навлеговме во програмирањето, а мојата група со која раководам веќе направи неколку едноставни програми. Програмиравме и мал робот, всушност посложена програма за безбедност на стан, куќа и зграда. Постојано го надградуваме.
Бисера:
-Си се посветил на планинарење…
Апостол малку занесено:
-О, да…Веќе ги искачив и Голем Кораб, највисокиот на Кораб, 2753 метри, највисок маакедонски, и вториот по височина-Титов Врв, на Шар Планина, висок 2747 метри. Голем Кораб е мошне стрмен и прилично опасен за искачување, но вреди да се види под него водопадот Пројфел висок 133 метри. Титов Врв е пирамидален, распукан и оголен. Северозападно е изворот на реката Пена, а јужно има неколку глацијални езера. Уживав неколку часа на бррегот на Боговинското…Подолго време се подготвуваме за Солунска Глава, последниот од десетте наши највисоки врвови.
Бисера:
-А како љубовта?
Апостол малку изненаден:
-Што како? Прашуваш дали имам девојка?
Бисера кимнува со глава. Апостол рамнодушно:
-Немам.
Бисера со насмевка:
-А сексот?
Апостол ја гледа втренчено:
-Мамо, не мислиш дека претеруваш?!…Добро, ќе ти кажам. Не сум невин. Имав секс со една непозната на една роденденска журка. Се поднапив и…и тоа. Задоволна?
Бисера со сериозен тон:
-Добро…Само да ти кажам да внимаваш…Што мислиш за наша, семејна конечна преселба во Монтреал?
Апостол:
-Искрено, јас сум против. По твоето заминување и тоа ми беше извонредна опција, но сега мислам дека треба сите да останеме овде и да ја продолжиме „борбата“.
Бисера по малку нервозно:
-А каква перспектива гледаш ти во ваква Македонија? Не гледаш дека е пропадната, ја уништи мафијава и нема ни шанса ни кој да ја направи асолна држава? Свесно ја уништија „стратешките партнери“ со велепредавничкото измеќарство на натуренава власт. Не следиш што се случува? Сè живо, и младо и старо бега што подалеку од неа…Еден е животот…
Апостол ја прекинува остро:
-Значи, и ти си за бегање! И ти си како веќе избеганите! Значи, си се предала!
Бисера нагло станува и речиси подвикнува:
-Прекинуваме! Дома ќе разговараме на темава и…белки ќе се договориме!
Заминува. Апостол го допива кафето, го вика келнерот, му плаќа, станува, му се насмевнува и излегува од кафулето.