СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН, НЕМОШЕН И НЕВОЛЕН, Неволен, поетска студија за беспаќата во човекот

Потребно време за читање: < 1 минута

148. Предводник

Јас, предводник на луѓе
и сите божества на светот
во миг решителен
за какви било времиња
и невремиња
помеѓу два воздива,
одамна знам дека
секогаш пред сечиј
чекор достоен
има мисла и промисла,
има замисла и домисла,
има догледна цел;
па воопшто не е тешко
да се избере врвица
ту на небо ту на земја
која никогаш не е лесно
да се изодува заедно
деноноќно.

Мене за предводник
ме избраа луѓе
и сите божества на светот
кои се еднакви пред сите
беспаќа во човекот,
еднакви низ сите,
еднакви пред сите,
а тоа ме обврзува над сѐ
да бидам слободен
и самосвесен,
да бидам доследен
на себеси,
на својот збор
и своето дело,
несомнено беспрекорно
да дејствувам и создавам
до премалување.

Јас, како предводник
избран од луѓе
и сите божества на светот,
со свест, со чест
сведочам дека тие
секогаш ќе бидат заедно,
сплотени;
и дека до смрт ќе стојам
на браникот на корените
сосе плодовите
човечки, божествени,
вековити.

 

Leave the first comment